Тошковски ги демантира тврдењата за наводна порака од Росица Коцева

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остро ги отфрли тврдењата дека убиената Росица Коцева неколку месеци пред трагедијата му испратила СМС-порака со барање за помош. Реакцијата следеше по фотографија што кружи на социјалните мрежи, на која се гледа содржина од наводна порака, но без датум и без комплетен телефонски број.

Политички полемики и обвинувања

Според содржината на пораката, која се припишува на Росица, таа пишувала за постојано насилство од поранешниот партнер, вклучувајќи тепање, прогон и палење автомобил. Од Министерството соопштија дека Тошковски категорично ги демантира овие наводи и апелира трагедијата да не се злоупотребува за дневнополитички цели. Од СДСМ, пак, побараа одговори од министерот – дали пораката навистина стигнала до него.

Реакции по убиството во Велес

Росица Коцева беше убиена на 15 септември заедно со својот татко во семејната куќа во Велес од нејзиниот поранешен партнер, кој потоа си го одзеде животот.

„МЕ УДИРАШЕ И МЕ ЗАКЛУЧИ“: Росица Коцева сведочела за заканите и насилството на Илија Стефановски

Таа претходно повеќепати го пријавувала во полиција, а против него биле покренати постапки во Обвинителството. По трагедијата, невладини организации протестираа пред МВР и кај паркот „Жена борец“ во Скопје, обвинувајќи ги институциите за пасивност која овозможува континуирано насилство врз жени што завршува со фемициди.