Средба во МВР со семејствата на настраданите

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во просториите на Министерството ги прими семејствата на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Семејствата на загинатите од Кочани маршираа за правда: Ни ги убивте децата и животот во нас

На средбата, Тошковски им соопштил на семејствата дека по трагедијата сериозно размислувал да си поднесе оставка од функцијата, поради тежината на настанот и одговорноста што ја чувствува.

„Правда мора да има“

Тошковски нагласил дека правда мора да се донесе за вакви случаи, ако државата сака да се нарекува нормална и праведна. Тој додал дека не може да изнесе повеќе детали, бидејќи истрагата сè уште е во тек.

„Не сакам политика да правам од ова. Не сметам дека овие деца го заслужуваат ова. Верувајте. Истрагата е се уште во тек. 70 луѓе досега се осомничени. Ова што го говорите го разбирам и го разбирам гневот“, изјави Тошковски.

Осомничени и актуелни функционери

Министерот откри дека меѓу осомничените се и актуелен министер, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и актуелен градоначалник. Тој не ги именуваше директно, но рече дека се преземаат чекори во рамки на истрагата.

Протестен марш на семејствата

Во текот на денешниот ден семејствата на настраданите организираа протестен марш под името „Марш за ангелите“, кој започна од пред Основното јавно обвинителство во Скопје, продолжи кон плоштадот, и заврши пред Собранието. Со фотографии од децата и гнев во срцата, тие бараат правда и одговорност од институциите. Токму барањата од министерот Тошковски за оставка беа најгласни по трагедијата.

Извор: Слободен печат