Министерот Панче Тошковски најостро го осудува говорот на омраза и вели дека МВР постапува подеднакво кон сите
„Го осудувам говорот на омраза, особено на спортски натпревари како што беше во Куманово. Веќе работиме и следуваат процесни дејствија кои што се во надлежност на МВР“. Вака изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостување во „Вести Плус“ на Канал 5.
Министерот потенцира дека овие случувања не смеат да се политички злоупотребат.
„Она што се случи во текот на вчерашниот ден не смее да биде политички злоупотребено“, истакна тој.
Тошковски нагласи дека МВР постапува подеднакво кон сите што користат говор на омраза или сквернават национални симболи.
„Постапуваме подеднакво против сите што сквернават и користат говор на омраза.
Како што беше палењето на македонското знаме, палење на албанското знаме или сквернавење на српски симболи, како нападот на српскиот конзулат во Куманово“, рече министерот.
Тој подвлече дека МВР има способност да одговори силно и еднакво во сите случаи на говор на омраза и меѓуетничка нетрпеливост.
„За сите затекнати во кривично дело поврзано со говор на омраза или меѓунационална нетрпеливост покажавме дека МВР може силно и еднакво да одговори“, додаде Тошковски.
Министерот покрај тоа што рече: „Го осудувам говорот на омраза“ објасни и дека цел настан го оценува како жална политичката злоупотреба од страна на поранешна власт.
„Жална е политичката злоупотреба на еден немил настан од претседател на политичка партија што беше 20 години на власт“, рече Тошковски.
Тој додаде дека граѓаните денес гледаат резултати што не ги гледале порано.
„Сега граѓаните гледаат резултати што не ги гледаа порано. Се надевам дека без разлика на етничката припадност граѓаните се’ помалку ќе потпаѓаат на политичките злоупотреби“, посочи министерот.
Тошковски порача ваквите инциденти да останат во минатото.
„Вакви настани треба да бидат историја, а не иднина“, рече министерот.
На крај, тој изрази надеж дека граѓаните нема да подлегнуваат на провокации.
„Се надевам дека се’ помалку граѓани ќе одлегнуваат на вакви провокации“, изјави Тошковски во „Вести Плус“.