Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, гостувајќи во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, зборуваше за резултатите од примената на системот „Сејф сити“ и намалувањето на бројот на сообраќајни прекршоци, повредени и загинати лица на патиштата.

Тошковски им се заблагодари на граѓаните за, како што рече, нивното европско однесување по воведувањето на системот и посочи дека од 1 октомври, во споредба со истиот период минатата година, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 33 лица, односно за 33 проценти.

„Им се заблагодарувам на македонските граѓани. Се однесуваме европски како резултат на ‘Сејф сити’. За разлика од лани, ако имавме 110 жртви, оваа година имаме 33 помалку. 33 проценти имаме зачувано животи“, изјави Тошковски.

Според него, бројот на повредени граѓани е намален за околу 18 до 19 проценти, додека бројот на сообраќајни несреќи е намален за околу 30 проценти.

Тој посочи дека во 2001 година бил регистриран најнискиот број загинати во сообраќајни несреќи – 107 лица, додека во 2021 година, за време на пандемијата со коронавирусот, биле евидентирани 116 загинати.

Тошковски рече дека со години земјава има висока бројка на жртви во сообраќајот во споредба со европските показатели.

„198 годишно загинати годишно, полоши во европските бројки“, рече министерот.

Тој изрази уверување дека доколку продолжи позитивниот тренд со „Сејф сити“, Македонија може да стане пример во Европа во релативно краток временски период.

„Ако вака продолжиме со ‘Сејф сити’, убеден сум дека може да бидеме пример во Европа за толку краток временски период“, изјави Тошковски.

Министерот откри и дека самиот бил регистриран од системот, иако, како што кажа, возел во рамки на дозволеното пречекорување.

„Мене ме детектираше ‘Сејф сити’, во рамки на дозволеното пречекорување, дека возам со 51 во границата на 50“, рече Тошковски.

Според него, токму автоматското евидентирање на прекршоците е една од суштинските разлики во однос на периодот пред воведувањето на системот.

Тој посочи дека во минатото можело да се случи казната да не биде реализирана, додека со „Сејф сити“ прекршокот останува евидентиран во системот.

„Порано можеше да се скине казна. Сега ќе остави трага, ќе се открие“, рече Тошковски, додавајќи дека системот треба да обезбеди еднаков третман на сите граѓани.

Во однос на функционирањето на системот, Тошковски порача дека одговорност ќе има и за оние кои евентуално би се обиделе да влијаат врз неговото работење.

Тој посочи дека системот е поставен така што прекршоците се евидентираат и дека нема простор за нивно прикривање.

Според Тошковски, целта на „Сејф сити“ е преку автоматска контрола и санкционирање да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на жртви и повредени на македонските патишта.