Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, во рамки на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце беше положено свежо цвеќе во чест на илинденците и асномците, кои со својата борба ги поставиле темелите на македонската државност.
По церемонијата во Пелинце, владината делегација заедно со висока делегација од Република Србија го посети манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде што беше положено свежо цвеќе во спомен-капелата. Со тоа беше оддадена почит на историското значење на ова место за создавањето на современата македонска држава.
Тошковски порача дека Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година претставуваат два клучни столба на македонската државност и симболи на долгогодишната борба за слобода, правда и национално достоинство.
„Денес оддаваме почит на луѓето кои со својата храброст и саможртва ни ја оставија најголемата обврска – да ја чуваме и развиваме државата што ја создадоа. Наш долг е да го продолжиме нивното дело, да ги чуваме слободата, единството и институциите и да изградиме сигурна, стабилна и просперитетна Македонија за идните генерации“, истакна министерот Тошковски.
Тој додаде дека вредностите и идеалите поврзани со Илинден и АСНОМ остануваат инспирација и денес за градење демократска, безбедна и достоинствена држава, во која владеењето на правото, единството и грижата за граѓаните ќе бидат меѓу најважните приоритети.
По повод Денот на Републиката, министерот Тошковски упати честитка до сите граѓани, посакувајќи празникот да биде потсетник за значењето на заедништвото, истрајноста и одговорноста кон татковината.
