По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата. На овој ден беше истакната нејзината клучна улога во интервентните активности за одржувањето на јавниот ред и мир и во заштитата на безбедноста на граѓаните на главниот град.
Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Интервентната полиција во изминатиот период се етаблирала како еден од носечките столбови на безбедносниот систем. Таа е со висока оперативна подготвеност, мобилност и професионалност.
„Интервентната полиција често пати беше прва на терен и вистински херој во заштитата на граѓаните. Резултатите што ги постигнувате не се случајни – тие се производ на посветеност, храброст и тимска работа. Намалувањето на разбојништвата во Скопје за околу 40 проценти е јасен показател за вашата ефикасност,“ истакна министерот Тошковски, најавувајќи дека МВР и во иднина ќе продолжи со вложувања во опрема, обука и човечки ресурси.
Министерот потенцираше дека во годината што следи фокусот ќе биде насочен кон јакнење и понатамошна модернизација на капацитетите на Единицата за интервентна полиција, со цел уште побрз и поефикасен одговор на безбедносните предизвици.
Командантот на Единицата за интервентна полиција, Милош Столевски, во своето обраќање посочи дека за шест години постоење, Единицата се наметнала како суштинска безбедносна алатка во рамките на полицискиот систем. Таа е подготвена да одговори на сите облици на криминал.
„Да се биде дел од Интервентната полиција значи чест и гордост, но и голема одговорност. Со посветеноста и професионалноста на секој припадник, успеавме да изградиме доверба кај граѓаните и да придонесеме главниот град да биде безбедно место за живеење“, нагласи Столевски. Единицата за интервентна полиција има добиено клучна поддршка од раководството на МВР за континуираниот развој и унапредување.
Интервентна полиција во изминатиот период се етаблира како еден од носечките столбови на безбедносниот систем
На одбележувањето беше истакната и важноста на интервентната координација меѓу единиците, како и успешната соработка со другите организациски единици во рамките на МВР, особено во спроведувањето на сложени оперативни акции.
Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврдува својата определба за јакнење на Интервентната полиција како професионална, модерна и ефикасна единица. Ова е во функција на безбедноста на граѓаните и заштитата на јавниот ред и мир.
