Управувачкиот комитет за управување кризи претпладнево на состанок донел одлука да и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава.
Одлуката ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој истакна дека по пожарите во земјава во изминативе 13 дена се увидело дека таков систем не постои.
-Факт е дека и Центарот за управување со кризи и сите останати институции делуваат во рамки на оние капацитетите што сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие, но факт е дека наследивме систем кој е руиниран и мораме супштински да го реформираме, изјави Тошковски по состанокот.
Кризната состојба со пожарите на отворено кои зафатија делови од државата беше тема на седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по состанокот извести со колку пожари во моментов се борат пожарникарите и претставници на сите служби, како и за други прашања.
Со седницата раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа членовите на Комитетот Владо Мисајловски – министер за одбрана и Арбен Таравари – министер за здравство, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности – Стојанче Ангелов. На седницата присуствуваа и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Здравко Трајанов, директор на ЈП „Национални шуми“.
На состанокот не присуствуваа министрите Александар Николовски и Тимчо Муцунски.