Министерот Тошковски вели дека измените на Законот за полиција ќе донесат подобро функционирање и повидлива полиција на терен

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска го посети граничниот премин „Табановце. Таму ја промовираше кампањата „Безбедно во лето – Вози одморен“. Тој изјави дека измените на Законот за полиција и за внатрешни работи ќе придонесат за професионализација на МВР. Но и подобро функционирање на полициските службеници. Граѓаните, според него, ќе ги видат придобивките во рок од една година.

„Најодговорно тврдам дека измените на Законот за полиција и за внатрешни работи ќе придонесат за професионализација на МВР, подобро функционирање на полициските службеници, а граѓаните ќе ги видат придобивките за година дена,“ изјави Тошковски.

Тој не сакаше да коментира за опозицијата, велејќи дека таа работи спротивно на интересите на граѓаните. Резултатите од нивното нефункционирање, според него, ќе се покажат на локалните избори. Во однос на обвинувањата поврзани со измените на Законот и за внатрешни работи, Тошковски рече дека ниту едно од нив не е вистина.

„Во врска со обвинувањата, најодговорно тврдам дека ниту едно не е вистина, напротив, ќе придонесеме за зголемување на професионализацијата во МВР,“ посочи Тошковски.

Измените, додаде тој, претставуваат законски услови за подобрување на работата на полициските службеници. Законот ќе стапи на сила за девет месеци, а граѓаните ќе ги видат резултатите за една година.

„Ветувам дека за една година ќе има многу повидлива и подостапна полиција на терен. Ова ќе го овозможи законодавецот,“ рече Тошковски. Целта на законот е да се создадат услови за поблиска соработка со граѓаните и повисок степен на професионализам.

Во врска со имплементацијата на проектот „сејф сити“, Тошковски нагласи дека не е целосно завршен, но интензивно се работи и на терен и на законската легислатива.

„Не е имплементиран целосно, но очекуваме од 1 јануари 2026 година да го реализираме и на терен и со законска легислатива. Два од шесте закони за измена веќе поминаа на Влада и ќе бидат доставени до Собранието,“ рече Тошковски.

Тој додаде дека проектот „сејф сити“ ќе придонесе за поголема безбедност во државата.