Министерот го пофали и ќе додели награда за храбриот полицаец Беким Исмани за пожртвуваност
Награда за храбриот полицаец најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по вчерашниот случај во Тетово, кога службеници на СВР спречија трагедија и спасија млад живот.
Тошковски денес оствари средба со полицискиот службеник Беким Исмани. Тој покажа храброст и присебност кога ја спречи младата девојка да скокне и да си го одземе животот. Во тој момент, тој бил и повреден од ножот кој таа го држела.
„Станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност. Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот. Во рамки на законските можности, ќе го наградам колегата Беким Исмани како признание за неговата храброст, професионализам и несебично постапување“, изјави министерот Тошковски.
Министерот додаде и дека ваквите моменти се вистинскиот показател за значењето и вредноста на полициската професија.
Тошковски го повтори ставот дека токму во најтешките ситуации се гледа вистинската сила на полицијата и пожртвуваноста на нејзините припадници.