МВР презеде мерки по видео со дивеење по скопските булевари – идентификувани се сторителите и поднесени се пријави за непромислено однесување

Секое непромислено однесување на патиштата ќе биде санкционирано, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку објава на Фејсбук.

Повод за реакцијата е видео споделено на социјалните мрежи, во кое се гледа опасно дивеење со возило низ скопските булевари.

  • „Овој случај нека биде потсетник дека секое непромислено однесување ќе биде санкционирано“, истакна Тошковски.

Министерството за внатрешни работи веднаш презело активности. Лицата се идентификувани и повикани на службен разговор.

Поднесени се пријави согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. И Законот за возила, се вели во соопштението на МВР.

  • „Против возачот С.З. (20) од Скопје по член 167 став 2 (поради превезување лице на надворешните делови од возилото) и член 225 став 9 (возење без возачка дозвола) од ЗБСП и член 26 став 10 од Законот за возила (управување возило без регистарски таблици), како и против лицето што стои на хауба Р.Ѓ. (19) од Скопје по член 317 став 14 (му дал да управува возило на лице без возачка дозвола) и член 165 став 2 (прави дејствија со кои ја загрозува својата безбедност) од ЗБСП. СВР Скопје презема и дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, се наведува од МВР.

Сообраќајната дисциплина, велат од Министерството, ќе се контролира и понатаму, а сите форми на непромислено и опасно однесување ќе се санкционираат без исклучок.