Продлабочување на безбедносната соработка и заедничко справување со криминалот поврзан со нелегалната миграција биле меѓу темите на денешната средба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со британски претставници.
Тошковски разговарал со Џек Џозеф, раководител на британските работни групи за миграција за Балканот и Африка, и со вршителот на должноста амбасадор на Обединетото Кралство, Даниел Фиелер.
На средбата била потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на соработката меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на граничната безбедност, справувањето со организираниот криминал и јакнењето на регионалната полициска соработка.
„На средбата ја потврдивме заедничката определба за натамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на граничната безбедност, справувањето со организираниот криминал и јакнењето на регионалната полициска соработка“, објави Тошковски на својата Фејсбук-страница.
Посебен акцент бил ставен на активностите во рамки на Заедничката работна група за миграција. Преку неа, како што посочи министерот, со координирани активности се работи на откривање и сузбивање на организираниот криминал поврзан со нелегалната миграција во регионот.
Тошковски истакна дека продолжува градењето силни партнерства со меѓународните партнери. Според него, заедничкото и координирано дејствување значи побезбедни граници и поголема безбедност за сите граѓани.
