Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера, ги посети пунктовите на полициските службеници кои учествуваат во рамките на оперативната акција со зголемено присуство на полицијата за безбеден град Скопје, а го посети и мониторинг системот „Безбеден град“, во рамки на оперативната акција за бескомпромисна борба против сите видови криминал и нарушување на јавниот ред и мир, како во градот Скопје, така и во целата држава.
Министерот Тошковски уште еднаш потенцираше дека никој нема право да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните, без разлика дали се работи за сообраќајни прекршоци, нелегална трговија со дрога и оружје, вандализам итн. Законот важи подеднакво за сите и сите оние кои ќе го прекршат ќе ги сносат последиците за своите постапки.
Во рамки на акцијата за враќање на безбедноста во град Скопје до сега од нејзиниот почеток на 24.08 до 01.09.2024 полициските службеници во рамки на своите надлежности извршиле преглед на 987 лица, 452 патнички моторни возила и мотоцикли.
Притоа, лишени од слобода се 67 лица. Од нив 40 лица по член 215 од кривичниот законик. Четири лица се приведени поради кршење на законот за оружје. Полициските службеници пронашле и лишиле од слобода седум лица барани по потерница и седум лица барани по други членови од кривичниот законик.
Министерот Тошковски со полициските службеници разговараше и за проблемите со кои се соочуваат на терен, како недостаток на материјално-технички средства и ги информираше дека раководството на министерството работи интензивно на создавање услови за обезбедување на сите неопходни средства како нови униформи, возила за ефикасност во обезбедување на безбедноста на сите граѓани, стои во соопштението од МВР.