Стратешко партнерство за посветена и модерна полиција

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и Факултетот за безбедност – Скопје денеска одржаа средба на која во фокусот беше продлабочување на соработката меѓу академската заедница и институциите за внатрешна безбедност. Разговорите се одвиваа околу создавање долгорочна рамка која ќе придонесе кон јакнење на институционалните капацитети и професионализација на полицијата.

„Разговаравме за унапредување на партнерството меѓу академијата и МВР, со цел да се изгради поефикасен и стручен безбедносен систем“, истакна претставникот од МВР.

Вработување веднаш по дипломирање

Со новиот Закон за внатрешни работи, кој е во подготовка, ќе се овозможи директно вработување на најдобрите студенти од факултетите со кои МВР има потпишано договор за соработка.

„Преку законски основи ќе овозможиме младите, квалитетни кадри, веднаш по дипломирањето, да станат дел од системот на безбедност. Тоа ќе значи ефикасна транзиција од образованието кон практичната служба“, посочија од Министерството.

Тошковски образложи на својот Фејсбук профил.

Стручност и континуирана едукација

Исто така, се разговарало и за вклучување на кадарот од Факултетот за безбедност во програмите за постојана едукација и усовршување на полициските службеници. Преку оваа соработка, МВР ќе ја подигне стручноста и ќе ги подобри стандардите во извршувањето на полициските задачи.

„Стручниот кадар од Факултетот за безбедност ќе има суштинска улога во модернизацијата на знаењата на полициските службеници“, беше речено на состанокот.

Реактивирање на Средното полициско училиште

Како дел од напорите за долгорочно едуцирање и подготвување на нови полициски генерации, се разгледува можноста наставниците од факултетот да учествуваат и во реактивираното Средно полициско училиште.

„Оваа иницијатива ќе обезбеди квалитетна основа за идните полицајци, уште од нивните први чекори во професијата“, нагласија од раководството.