Пожарот во Трубарево е локализиран, нема опасност за негово проширување, но се уште е активен. За да се елиминира опасноста од загаденоста на воздухот на жителите што се најблиску до жариштето им се препорачува да ги напуштат домовите и им се ставени на располагање сместувачките капацитети во Центарот за обука во Идризово, рече на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

Приоритет, истакна Тошковски, е заштита на животот и здравјето на граѓаните.

Тој соопшти дека Дирекцијата за радијациска сигурност утврдила дека нема радијациско зрачење, додека АБХО единицата на Министерството за одбрана констатирала дека во непосредна близина има висока концентрација на штетни супстанци на 150 метри од жариштето. На 200 метри загаденоста е ниска, а над 400 метри не е констатирана висока загаденост, рече Тошковски.

Во полициска станица се вршат разговори со три лица, сопственици или управители на предметниот објект. Оперативните активности за расчистување на настанот продолжуваат во координација со јавен обвинител, соопшти Тошковски.

Истакна дека ваков тип на пожар првпат настанува на територија на државата на ваков тип на фабрика за рециклирање отпад.

-Првпат имаме ваков тип пожар во Македонија, побаравме и добиваме стручна помош од домашни и странски. Ова се должи и на негрижа од претходни влади и тоа доведе до овие проблеми, и во Вардариште и Дрисла, рече Тошовски.
Дополни и дека располагаат со соодветна опрема, доставени се гас маски и маски Н95 за жителите кои се во најголем ризик т.е. на радиус 150 метри.