Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска на седница на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието најави отворање на две нови полициски станици – една во општина Сарај и една во општина Илинден.

Покрај тоа, министерот најави и реорганизација на постојните полициски станици во Скопје.

ПС Бит Пазар ќе се преименува во Полициска станица Чаир, додека сегашната ПС Чаир, која реално се наоѓа на подрачјето на Бутел, ќе добие ново име – ПС Бутел, информираше Тошковски.

Изјавите беа дадени во рамки на денешната расправа во Собранието, каде што Тошковски го образложуваше Предлог-законот за внатрешни работи, како и измените и дополнувањата на Законот за полиција.

Според него, новите станици и преименувањата се дел од поширок процес на рационализација и територијално приспособување на полициските служби кон реалните потреби на граѓаните.