Успешна гранична соработка и намалени обиди за нелегален премин
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествува на министерската конференција во Загреб во рамки на Салцбуршкиот форум – платформа за регионален дијалог за внатрешна безбедност. Во својот настап на сесијата „Прекугранична соработка во справувањето со нелегалната миграција и организираниот криминал“, Тошковски истакна значајни резултати што Македонија ги постигна преку соработката со Европската унија, посочувајќи го Фронтекс како клучен партнер.
„Користејќи ја помошта од Европската унија, ја зајакнавме граничната инфраструктура, ги подобривме системите за азил и добивме поддршка во борбата против шверцот и трговијата со луѓе“, нагласи Тошковски.
Овој тренд, според него, е доказ за поефикасни гранични операции и зајакнати капацитети за справување со прекуграничниот криминал.
„Во првите шест месеци од 2025 година спречени се 1.956 обиди за нелегален влез – намалување од 30% во споредба со истиот период лани“, подвлече министерот.
Повик за продлабочување на разузнавачката и оперативна соработка
Министерот Тошковски предложи иницијативи за понатамошно зајакнување на прекуграничната безбедност:
– олеснета и побрза размена на податоци,
– континуирана размена на разузнавачки информации,
– заеднички обуки и развој на електронски алатки,
– примена на истражни методологии базирани на отворени извори.
– „Само со интегриран пристап можеме ефективно да се справиме со транснационалните закани и да обезбедиме стабилност и безбедност во регионот“, изјави Тошковски. Тој изрази желба Македонија да биде домаќин на иден настан на форумот, со што ќе се потенцира нашата подготвеност и ангажман за европска безбедносна интеграција.
Билатерална средба со министерот Божиновиќ
Во рамките на форумот, Тошковски се сретна и со својот хрватски колега Давор Божиновиќ. На средбата се разговараше за:
– справување со илегалната миграција,
– реорганизација на граничните сили,
– можноста за нов мигрантски бран поради настаните на Блискиот Исток.
Министрите се согласија дека е потребна проактивна подготовка – и материјална и кадровска – за ефикасно справување со потенцијални нови кризи. Дополнително, беше разгледана можноста за продлабочување на соработката помеѓу македонскиот Центар за обука на МВР и Полициската академија на Хрватска, особено во однос на наставните програми и образовниот модел за средно полициско училиште.