Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека лажната лиценца на дискотеката „Пулс“ не е единствената. Во истрагата досега е утврдено дека постои уште најмалку една фалсификувана дозвола.
Според последните информации, во истрагата се опфатени 26 лица. Министерот нагласи дека оваа бројка не е конечна. Досега, за 18 лица е определена мерка притвор, додека седум ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка. Покрај нив, на испитување ќе биде повикано уште едно лице, кое во моментот има раководна позиција во Министерството за економија.
(ВИДЕО) Тошковски: Засега приведени се 26 лица – списокот ќе се проширува!
Тошковски – инволвирани и полициски службеници
Тошковски посочи дека седум полициски службеници му овозможиле на кабарето „Пулс“ да работи во супстандардни услови. Тие дале лажни информации дека локалот ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир, како и за сообраќајната безбедност.
„Тие одобриле и потпишале известување до Министерството за економија, во кое навеле дека кабарето ги исполнува законските услови, иако не извршиле соодветна проверка. Дополнително, тие изготвиле телеграма со неточни и нецелосни податоци, не споменувајќи дека во близина на локалот имало пријави за нарушување на јавниот ред и мир“, изјави министерот.
Истрагата продолжува, а списокот на осомничени лица останува отворен.
Извор: Курир