Семинар за професионалност и интегритет

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со раководството на министерството и полицијата, учествуваше на семинар посветен на професионалноста и оперативната независност. Настанот се реализираше во рамки на проектот „Промоција на интегритет и добро управување во земјите на Западен Балкан“, под покровителство на Центарот за интегритет во одбранбениот сектор на Кралството Норвешка (CIDS).

Фокусот беше ставен на унапредување на менаџирањето со полицијата и зголемување на безбедноста на граѓаните. Притоа, особено внимание беше посветено на балансирање помеѓу професионализмот и оперативната независност од една страна, и политичките влијанија и непотизмот од друга.

Полиција ослободена од влијанија

„Секојдневно треба да се реформираме и унапредуваме со една јасна цел, градење на модерна европска полиција која ќе ја гарантира безбедноста и благосостојбата на сите свои граѓани, ќе се бори со сите видови криминал ослободена од било какви притисоци и влијанија“, изјави министерот Тошковски.

На семинарот беше истакнато и значењето на дефинирањето на стратешки комуникациски модел. Модел кој овозможува ефективен политички надзор врз работата на МВР, но во исто време гарантира дека полицијата ја задржува својата независност и професионална автономија.