„Од власта не можат да сфатат дека во ВМРО-ДПМНЕ има демократски капацитет, има доволно критична маса која што може да даде предлог еден, два, три и така натака, меѓутоа сите оние предлози кои што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ за Уставен судија во најмала рака се пет пати поквалитетни од сите заедно тројцата кои што ги предложи како кандидати СДСМ“, истакна Панче Тошковски, правник и претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното гостување во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“ на Алфа телевизија.
Тошковски додаде дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за Уставни судии не се поврзани со партијата.
„Факт е дека професорот Саво Климовски не е дел од ВМРО-ДПМНЕ ниту пак бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Факт е ниту Вишиот обвинител Тодор Витларов, ниту пак Војо Димоски се дел од политичката структура“, појасни Тошковски.
Тој посочи дека факт е дека сите предложени кандидати за Уставни судии од страна на ВМРО-ДПМНЕ се професионалци во својата работа, а тоа власта не може да го оспори. Вели дека токму предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за Уставни судии заслужуваат најмногу да бидат дел од Уставниот суд.
„Факт е неспорен земајќи ја во предвид Кацарска, земајќи ја в предвид претседателката на Судскиот совет, земајќи ги в предвид буквално сите оние во најголем дел околу 95% функционерите кои што се ставени во овој мандат истите се наградени за одредена послушност која што ја извршиле спрема оваа власт. Не може некој судија кој што пред шест месеци се констатира дека постапува неуставно да го избереш за претседател на Уставен суд. Кај го има тоа“, запраша Тошковски.
Тој дури рече дека сите оние кои што не се послушници на власта се казнети.
„Уставен суд е многу добар пример за наградени послушници, според власта кој слуша ќе заврши како Уставен судија, а кој не ги слуша желбата на власта ќе добие кривична пријава. Власта пораката што ја упатува особено на младите е ако слушате без оглед на вашите квалитети и ако се потчинувате, и ако продавате национални интереси, ако затворате луѓе во притвор без законски основи, ако постапувате во целост како што ќе ви каже власта тогаш добивате награда. А, ако критикувате или пак не слушате тогаш добивате казна“, нагласи Тошковски.