Меѓународна соработка и поддршка од ОБСЕ

Во полицискиот центар во Ѓорче Петров денеска започна регионална обука за распоредување на службени кучиња во тешко пристапни терени. Настанот е дел од проектот „Поддршка на националните власти во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, а на отворањето присуствуваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот истакна дека оваа активност е повеќе од професионална обука и дека претставува пример за успешно партнерство засновано на доверба и заеднички цели.

„Пред единаесет месеци од истово место бевме сведоци на почеток на работата на Регионалниот К9 центар за обука и сертификација значаен дел од целокупниот систем на безбедност како на оперативно, така и на стратешко ниво. Во изминатата речиси една година центарот беше домаќин на голем број на работилници, обуки и тренинзи. Соработката на нашата институција со Мисијата на ОБСЕ претставува еден од носечките елементи во процесот на надградување на капацитетите на полицијата по стандардите на Европската Унија“, потенцираше Тошковски.

Службените кучиња како дел од безбедносниот систем

Тошковски нагласи дека иднината на центарот е тој да прерасне во регионален хаб за јакнење на капацитетите на агенциите за спроведување на законот, преку современи обуки и пренос на експертиза.

„Службените кучиња се посебен дел од нашите безбедносни системи. Тие не претставуваат алатка, туку истите се партнери и дел од полицијата, кои со својата обученост имаат непроценлива улога во спасувањето на животи. Во многу случаи, нивната реакција е пресудна за успех на целата акција. Но зад секое службено куче стои полициски службеник, тренер и институција. Поради тој факт знаеме дека вложувањето во капацитетите на единиците за службени кучиња е вложување во поголема безбедност за сите нас“, изјави министерот.

На крајот тој им се заблагодари на ОБСЕ и на меѓународните партнери и порача дека раководството на министерството останува посветено на градење систем кој ќе биде гаранција за безбедноста на граѓаните и напредокот на државата.