Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница порача дека е неопходно да започне имплементацијата на проектот „Безбеден град“, нагласувајќи дека станува збор за мерка која директно се однесува на заштита на човечките животи. Тој ова го истакна во одговор на прашање од пратеникот Илир Хасани од Европскиот фронт, кој како лекар-трауматолог даде поддршка за проектот, притоа пренесувајќи и одредени забелешки од граѓаните.

Тошковски се согласи со оценката дека со проектот се започнува доцна, посочувајќи дека голем број земји членки на Европската унија вакви системи имаат воведено уште пред десет, па и повеќе од 15 години. Според него, доцнењето не е од неколку месеци, туку најмалку една деценија, што дополнително ја нагласува потребата од итно дејствување.

Министерот информираше дека во текот на тест-периодот од 15 до 16 дена, според констатациите на лекарите, е забележано намалување на бројот на лица со тешки телесни повреди во сообраќајните несреќи. Тој потсети дека во последните 15 години, просекот на загинати лица во сообраќајот во Македонија изнесува 145 годишно, што, како што рече, ја става земјата меѓу најлошите во Европа според овие показатели.

 

Собранието треба да ги донесе потребните закони за почеток на проектот Безбеден град

 

Тошковски нагласи дека имплементацијата на „Безбеден град“ не е политичко прашање и не треба да се гледа низ етничка или професионална призма, туку исклучиво како обид да се спасат човечки животи. Тој побара поддршка од сите пратеници, без разлика дали се од власта или од опозицијата, потенцирајќи дека Собранието треба да ги донесе потребните закони за почеток на проектот, а евентуалните недостатоци да се надминуваат во текот на неговата примена.

Како споредба, министерот наведе податоци од други европски земји, посочувајќи дека во Хрватска годишно гинат околу 65 лица на милион жители, во Словенија околу 55, во Германија и Австрија околу 40 до 45, а во скандинавските земји околу 20, додека кај нас просекот изнесува околу 80 загинати на милион жители и тоа во континуитет во последните 15 години.

Пратеникот Илир Хасани, од друга страна, укажа на неколку слабости забележани во тест-периодот, меѓу кои и испраќање опомени или казни за мали пречекорувања на брзината, проблеми со доставување на казните до граѓани кои немаат мобилен телефон или електронска пошта, како и фактот дека системот се применува само во неколку градови. Сепак, како лекар-трауматолог, тој ја повтори поддршката за носење и имплементација на проектот „Безбеден град“.