Средби со високи американски безбедносни претставници
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски престојува во работна посета на Вашингтон, во рамки на втората сесија од Стратешкиот дијалог Македонија – САД, процес насочен кон унапредување на безбедносната соработка.
Во текот на посетата, Тошковски оствари повеќе средби со високи претставници на американските безбедносни институции, меѓу кои Николас Колура, заменик-помошник државен секретар и директор на Diplomatic Security Service (DSS), Кристофер Г. Раја, заменик-директор на ФБИ, Грегори Дукот, директор на ICITAP, како и Дејвид М. Бедард, заменик-помошник државен секретар од Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот.
На средбите било констатирано дека Македонија е препознаена како доверлив и оперативен безбедносен партнер на САД.
„Овие средби испраќаат јасна порака дека Македонија е препознаена како доверлив партнер на САД, со кој се гради продлабочена и конкретна соработка во клучните безбедносни области“, истакна министерот Тошковски.
Фокус на борба против криминал и гранична безбедност
Разговорите биле насочени кон борбата против трговија со луѓе, нелегална трговија со дрога, транснационален организиран криминал, зајакнување на граничната безбедност и справување со тероризам.
Посебен акцент бил ставен на поддршката преку програмата ICITAP за Министерството за внатрешни работи, особено во јакнење на институционалните капацитети, обуките и модернизацијата, како и унапредување на работата на полициската академија.
„Поддршката од нашите американски партнери, особено преку ICITAP, има клучна улога во модернизацијата на полицијата и зајакнувањето на нашите капацитети за справување со современите безбедносни предизвици“, нагласи Тошковски.
Потврда на стратешкото партнерство
Посетата, како што се наведува, ја потврдува стратешката определба за продлабочување на партнерството со САД и за заедничко справување со безбедносните предизвици, со очекување за дополнително интензивирање на соработката во наредниот период.
