Фокус на борбата против криминалот, миграцијата и зајакнување на граничната контрола

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествува на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД во Вашингтон, процес за кој посочи дека носи конкретни резултати за безбедноста на граѓаните.

„Денеска во Вашингтон учествувам на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД – важен процес што носи конкретни резултати за безбедноста на нашите граѓани“, изјави Тошковски.

Тој нагласи дека Министерството за внатрешни работи става силен акцент на зајакнување на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и унапредување на разузнавачката соработка.

Поддршка и инвестиции во капацитетите на МВР

Министерот информираше дека САД обезбедуваат значајна финансиска поддршка за јакнење на институционалните капацитети.

„Особено е значајно што Соединетите Американски Држави обезбедуваат над 3,5 милиони долари поддршка за јакнење на капацитетите на МВР, што претставува директна инвестиција во безбедноста на државата“, рече Тошковски.

Тој додаде дека паралелно се работи и на зајакнување на сајбер безбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите.

„Ова партнерство значи посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и модерни, отпорни институции“, истакна Тошковски, додавајќи дека САД остануваат најважен стратешки партнер и силен сојузник во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста на државата.