Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека МВР и Обвинителството постапуваат по секоја пријава, вклучително за заканите кон градоначалничката Данела Арсовска и дивоградбите во Чаир.
„Доколку бидат преземени сериозни закани спрема било кого и пријавени до МВР, согласно законски и подзаконски акти, ние веднаш ќе ги преземеме дејствијата. Има процедура за утврдување на закана, како МВР, Обвинителството и судот треба да реагираат“, рече тој.
Тој одговори на повиците на Арсовска за дивоградбите, нагласувајќи дека градоначалниците треба да ги контролираат градбите во текот на целиот мандат, а не само пред избори.
„Добро е секој во Македонија да си ја работи работата за која зема плата. Општините да контролираат што е дозволено со закон за градба, а тоа да го прават континуирано четири години, не само пред избори. Граѓаните на крајот ќе ја оценат нивната работа. Добро е секој што зема буџетски пари да ја работи работата за која е платен“, додаде Тошковски.
Градоначалниците мора да постапуваат по законот за градење и да вршат контрола на градбите. МВР дејствува по наредби од суд или Обвинителство за спроведување на законот.
„Ова што гледаме е циркус и парада пред локални избори. Да беше во првата година, ќе беше искрено. Народот препознава кога нешто е заради циркус“, истакна тој.
Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски разменија јавни пораки за дивоградбите и заканите. Мицкоски ја охрабри да ги пријави заканите во МВР, додека таа го обвини дека дозволил нелегална легализација во Чаир.