Толеранција според брзина

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостување на телевизија Телма истакна дека камерите од системот „Безбеден град“ ќе имаат иста толеранција како полициските радари. Тоа значи дека за брзини до 100 километри на час ќе се применува толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час – осум километри, а за над 200 километри на час – дванаесет километри.

„Ако е дозволено 50 км/ч, системот ќе регистрира прекршок од 57 км/ч“, појасни Тошковски. Тој додаде дека толеранцијата се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи за случаи на кривични дела поврзани со сообраќајот.

Службени возила и оперативни дејствија

Системот ќе ги процесуира и службените возила, но само кога тие не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија.

„Кога службените возила ќе дејствуваат согласно својата работа, нема да бидат дел од системот. Кога нема да постапуваат оперативно, ќе бидат вклучени. Тоа важи за возила на брза помош, пожарна, МВР и Министерството за одбрана, доколку нивното делување не е оправдано во рамки на службените задачи“, нагласи Тошковски.

Трошоци и имплементација на проектот

Проектот „Безбеден град“, за периодот 2008–2025 година, чинел околу 85 милиони евра, информира министерот. Деталите за бројот и цената на камерите остануваат класифицирани.

„Трите договори заедно со одржувањето чинат околу 85 милиони евра. Тоа е безбедносно класифицирана информација, а потрошената сума за 14 години е околу една петтина од годишните трошоци од сообраќајни незгоди“, рече Тошковски.

Министерот потенцираше дека законот кој го опфаќа и „Безбеден град“ бара двотретинско мнозинство во Собранието, но е убеден дека пратениците ќе го поддржат проектот кој, според него, спасува животи.