Законските измени услов за почеток на примена на системот „Безбеден град“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува пратениците да дадат поддршка за измените на Законот за прекршоци и на Кривичниот законик, кои се последниот неопходен чекор за целосна и официјална примена на системот „Безбеден град“. Системот од почетокот на месецов е во пробна фаза, а официјалниот старт и понатаму е најавен за 1 февруари.
Во гостување на ТВ Канал 5, Тошковски посочи дека динамиката ќе зависи од собраниската процедура. За измените на Законот за прекршоци, кој е во втора фаза во Собранието, потребно е двотретинско мнозинство, додека за Кривичниот законик е потребно просто мнозинство.
– Се надевам дека сериозноста на ова ќе биде препознаена од сите пратеници и ќе дадат поддршка за да може да почне примена на овој круцијален проект, рече Тошковски.
Намалување на тешки повреди во пробниот период
Министерот потврди дека доколку Собранието не даде поддршка за измените, примената на системот ќе мора да се пролонгира. Според него, Законот за прекршоци треба да биде поддржан од сите пратеници, бидејќи, како што нагласи, целта е спасување на човечки животи.
Тошковски истакна дека за време на 15-дневниот пробен период во Скопје веќе се забележуваат конкретни резултати. Граѓаните, според неговите зборови, покажале дека можат да бидат поодговорни учесници во сообраќајот. На Клиниката за трауматологија, како што информираше, е намален за 20 проценти бројот на пациенти кои се задржуваат поради тешки телесни повреди, додека за 15 до 20 проценти е намален бројот на донесени пациенти на таа клиника.
Тој увери дека сите технички проблеми кои биле детектирани во пробниот период ќе бидат надминати до 1 февруари.
Камери, брзина и транспарентност кон граѓаните
Министерот најави дека со подзаконски акти ќе се утврди дозволеното пречекорување на брзината. Тоа ќе биде во согласност со европските параметри, кои се движат од три до десет километри на час над дозволеното.
– Крајната цел е намалување на брзината на движење и помалку жртви и повредени во сообраќајни несреќи, истакна Тошковски.
Тој додаде дека се врши ревизија и на сообраќајната сигнализација и дека на секое место каде што ќе има камера за детекција на брзина. Задолжително ќе биде и поставен соодветен сообраќаен знак, согласно важечкиот сообраќаен проект.
Тошковски информираше и дека видео-записите од прекршоците ќе се чуваат во период утврден со закон, во рамки на истражните дејствија. Како и тоа дека МВР ќе пушти во употреба апликација преку која граѓаните ќе добиваат информации за сторените сообраќајни прекршоци.
