Министерот истакна дека кривичната пријава е поднесена, а судот е тој што одредува мерка притвор

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска даде изјава за случајот со убиството на Росица Коцева и нејзиниот татко Киро, потенцирајќи ја улогата на обвинителството и судот во постапката, како и професионалноста на МВР. Тој нагласи дека е срамно да се шират невистини и да се користи трагедијата за политички цели.

–„Кој во оваа држава изрекува мерка притвор, и кој во оваа држава изрекува мерка затвор односно казна затвор? На првото прашање одговорот е единствено судот може да определи мерка притвор, на второто прашање единствено обвинителството може да предложи мерка притвор. Во оваа ситуација јас не велам дека имало или немало вина во рамки на постапувањето на МВР. Има внатрешна контрола, која ќе покаже дали Министерството затаило или не, ама срамно е да се лаже јавноста и да се манипулира дека Тошковски е крив. Зошто? Заради тоа што судот досудил условна осуда, а јавното обвинителство не побарало притвор“, рече Тошковски во интервју за „Тема на денот“ на Сител.

Министерот потенцираше дека МВР ги презело сите дејствија што требало да ги преземе и поднело кривична пријава против сторителот, а сега прашањето се префрла на обвинителството и судот.

 „Изрекол ли судот мерка притвор за убиецот? МВР поднело кривична пријава и ги презело сите потребни дејствија. Дали тие биле навремени и согласно професионални стандарди ќе провериме, но сега прашањето е зошто обвинителството не побарало притвор? Зошто судот кога ја донел пресудата донел условна пресуда? Ако тоа се случеше, сега Росица ќе беше жива“, додаде Тошковски.

Тој исто така се осврна и на најавените протести пред МВР, појаснувајќи дека го признава правото на граѓаните да се изразат, но дека судот и обвинителството имаат своја надлежност.