Мора да се работи од првиот ден, потенцира Тозиевски, додавајќи дека добро ги знае проблемите и потребите на неговите сограѓани и дека фокусот уште веднаш ќе го посвети на големите проекти, како инфраструктурата, водоводната мрежа, канализацијата, земјоделието… Средствата се тие, вели тој, но затоа можеме макотрпно да работиме, со сериозен и способен тим, упорно да бараме помош и од централната власт, но и од странските фондови за развој.
Зборувајќи за проблемот кој ги засега не само жителите на преспанскиот регион, туку и сите граѓани на Македонија, а тоа е состојбата во која се наоѓа Преспанското Езеро, Тозиевски посочува дека за жал, ниту од државата ниту од локалната самоуправа е превземено нешто за таа еколошка катастрофа да се спречи.
Напротив, во изминатиот период имаше, да ја речам, донација, префрлување на 80 милиони денари од републичкиот во општинскиот буџет. Општината направи тендер за чистење на крајбрежјето на езерото, но се испостави дека тендерот е тенденциозен, еден од апликантите си поднел жалба, која ја добил, па тие пари наместо за спас на Преспанското Езеро се вратија назад во републичкиот буџет. Апсолутна неспособност да се искористи и она поклонетото, а камо ли пак нешто да смислиме и да направиме сами, вели Тозиевски, додавајќи дека тие средства можеа да бидат пренасочени за изградба на канализационен систем или пречистителна станица, за колку толку нешто да се направи за подобрување на состојбата.
Иако удел во намалувањето на водата секако има и природата, додава тој, посебно оваа сушна година, сепак, може да се помогне во акумулирањето на вода во неколку сегменти, а сега како прво и основно, не се исчистени речните корита.
Кога сме кај водата, вели тој, голем и сериозен проблем ни е водата за пиење. Посочува дека проектот започнат од претходната локална власт за менување на водоводната мрежа и смена на азбесните цевки, замрел во изминатите четири години, оставајќи ја третата и последна фаза незавршена.
Се работи за мал дел, 40-тина индивидуални приклучоци, за да може целиот систем да се стави во употреба. Значи чекаме четири години за нешто изградено, од претходната власт, само да се стави во функција. Покрај ова, се ветуваа и многу нови артерски бунари, кои се доста потребни посебно во сушниот период, а не е изграден ниту еден, вели Тозиевски.
Најголемата болка, секако, ни е преспанското јаболко, вели Тозиевски, кој ветува дека целата енергија ќе ја посочи во помагање на јаболкопроизводителите, зошто, како што велат ресенчани: „Тешко тој што не стапнал на грутка, не знае како е“.
Локалната самоуправа мора да биде партнер на јаболкопроизводителите, да помогне во привлекување на инвеститори, олеснување на постапките за изградба на нови центри за откуп и преработка, ладилници, поголема промоција на преспанското јаболко како бренд, помош при третирањето, наводнувањето, самиот пристап до парцелите…Имаме предвидено центар за земјоделците под локалната самоуправа, со кој контактот земјоделец-општина ќе биде постојан, за проблемите постојано да се решаваат, вели Тозиевски, чија цел е да постави ефективен систем кој ќе функционира во континуитет и после него.
Тозиевски вели дека незадоволтвото се чувствува меѓу жителите на Преспа, па затоа им ветува дека макотрпно ќе работи да овозможи подобар живот за сите, и да ги надокади преспаните четири години.