Коњаницата тргнува од Скопје: Почетокот на маршот пред СЦ „Борис Трајковски“
Денеска во 17 часот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје започнува 16-тиот по ред марш на здружената Коњаница „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото Топче“. Настанот, кој прерасна во симбол на оддавање почит кон илинденските идеали, продолжува во 18:30 часот со традиционалниот хепенинг во паркот во Ѓорче Петров. Таму ќе се одржат пригодни обраќања од страна на организаторите, пратеници и градоначалници. Освен тоа ќе има и музичка програма, настапи на македонски фолклорни друштва, пејачи и диџеи.
Коњаници од цела Македонија со заедничка цел
Оваа иницијатива започна во 2010 година од ентузијасти и поддржувачи на револуционерното минато. Коњаницата е составена од претставници од Гостиварско, Скопје, „Илинден“ од село Радово – Струмица, „Костурска чета“ – Битола, како и коњаници од Крушево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево и Штип. Секој од нив го дава својот придонес во одржувањето на сеќавањето на Илинденското востание и борбата за слобода.
Кон Крушево во чест на Илинден и уставобранителите
Годинава, коњаниците повторно ќе се упатат кон Крушево. Тоа е симболот на македонската непокор, каде ќе учествуваат на централната прослава на Мечкин Камен по повод „10 дена Крушевска Република“ на 2 август. Маршот, кој ќе трае од 31 јули до 2 август, е посветен на уставобранителите. Организаторите велат дека „лежат невини во македонските затвори“. Коњаницата јавно бара нивно ослободување.
Извор: Курир