Русија не е подготвена да прифати привремено примирје со Украина, туку инсистира на постигнување целосен и траен мир, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи го предлогот на Киев за божиќно примирје.
ТРАЕН МИР, А НЕ БОЖИЌНО ПРИМИРЈЕ
Песков порача дека Москва не сака прекин на огнот кој, според руската страна, би ѝ овозможил на Украина пауза за повторно да се подготви за продолжување на војната.
-Ние сакаме мир. Не сакаме примирје за да ѝ дадеме пауза на Украина и да ја подготвиме за продолжување на војната – изјави Песков пред новинарите.
Тој нагласи дека Русија ќе учествува во разговори само доколку постои искрена намера за постигнување одржлив мировен договор.
-Доколку Украинците го заменат постигнувањето договор со краткорочни, неодржливи решенија, малку е веројатно дека ќе бидеме подготвени да учествуваме – рече Песков.
Според него, ставот на Москва е јасен, конзистентен и добро познат и на САД и на Украина.
-Сакаме да ја запреме оваа војна, да ги постигнеме нашите цели и да обезбедиме мир во Европа за иднината – додаде Песков.
