Трагедија во Лисабон: Излета трамвајот „Глорија“, најмалку 15 загинати
Најмалку 15 лица загинаа, а 18 се повредени откако вагон на прочуениот стар трамвај „Глорија“ во Лисабон излета од шините. Португалските служби за итна медицинска помош информираа дека петмина се во сериозна состојба, додека останатите тринаесет, меѓу кои и едно дете, имаат полесни повреди. Првичните информации за заробени лица се демантирани – сите патници биле ослободени.
Реакции од властите и сведоштва
Градоначалникот Карлос Моедас порача дека „Лисабон е во жалост“ и го нарече настанот трагичен момент за градот. Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза испрати сочувство и солидарност со семејствата на жртвите, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази длабоко сочувство. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа уништениот вагон, чад и луѓе кои панично ја напуштаат областа.
Причини и значењето на „Глорија“
Несреќата се случила околу 18:05 часот во близина на Авенида да Либердаде. Причината засега не е утврдена, но весникот „Обсервадор“ пишува дека до трагедијата можело да дојде поради олабавена сајла. Трамвајот „Глорија“, пуштен во 1885 година, е една од најпознатите знаменитости на Лисабон и омилена туристичка атракција. Со својот пат од 275 метри до областа Баиро Алто, тој е препознатлив симбол на ридестиот град, кој минатата година бил посетен од над 8,5 милиони туристи.