Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов денеска до Уставниот суд достави иницијатива со која бара укинување на одредби од Изборниот законик со кои, како што рече тој, им се овозможува системска или монополска положба на четири партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците, при изборни процеси.
– Во Законот 90 отсто од медиумскиот простор за финансирање припаѓа на овие партии, како и финасиските средства за изборната кампања и рекламниот простор за билборди, паноа и сл. Само како пример, од девет минути дополнително време за медиумско претставување, осум припаѓаат на четирите партии, а само една минута за сите други партии и независни листи. Со овие одредби четирите партии си обезбедуват огромна предност за преставување на своите програми и кандидати за пратеници, градоначалници. советници или претседател на државата, рече Трајанов на прес-конференцијата пред Уставниот суд.
Со овие одредби, како што посочи, се крши уставното начело за еднаквост на партиите при настап на изборите.
– Во член 75 став 2 од Изборниот закон мегу друго стои: Учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето. Ваквата системска предност спречува другите партии да ги претстават пред граѓаните своите програми и да можат граѓаните да донесат одлука за кого ќе гласаат, рече Трајанов.
Тој очекува Уставниот суд да ги укине оспорените одредби, со што сите партии и независни листи и кандидати ќе имаат еднакви шанси за победа на изборите.
– Знаете дека членовите на Уставниот суд ги бира во основа Парламентот, но досега сите биле на предлог на партиите, немаме ние експерт кој независно од политичките партии влегол во Уставниот суд и затоа и кредибилитетот на целиот судски систем е нарушен, но се надевам дека Уставниот суд на конституцијата на Уставот ќе реагира на соодветен начин и дека овие одредби ќе ги укине од Изборниот законик, заклучи Трајанов.