Јас веќе немам дилеми, ниту народот на Македонија нема дилеми дека демократијата во Република Македонија е целосно погазена. Дали оваа денешна пракса значи дека на предлог на 11 пратеници со кревање на зелени картони на 61, 62 и 63 пратеници, можете слободно да разрешувате пратеници од работните тела, од комисиите, од пратеничките групи за соработка со други држави, од парламентот? Почитувани, во оваа држава има Устав, има закони, има деловник кои стриктно пропишуваат постапка за именување, односно разрешување на одреден пратеник од одредена позиција. Никаде во законите и Уставот на Република Македонија не е пропишан јавашлак и самоволие на партиите од позицијата со дигање на рака да прават што сакаат. Мораме да констатираме дека демократијата во државата е на најниско ниво, рече Здравко Трајанов, пратеник во Собранието на Република на денешната седница.
Тој јавно ги повика амбасадите на САД, на ЕУ, на Англија, Холандија и останатите силно да се позанимаваат со работата на Собранието, затоа што, како што рече, во Република Македонија нема демократија и на кој како ќе му текне го крши Уставот и кога ќе стигне.
– Ова непочитување на законите е во директна корелација со поставување на партиски кадри во Уставниот суд, уште едно флагрантно кршење на демократијата и независните тела и институции во оваа држава. Ова работење на Собранието кај мене директно побудува корелација, директна врска, помеѓу можното сценарио од ново предавство на државните и националните интереси. Затоа ли ви треба Уставен суд по терк кој сѐ што е неуставно ќе прогласи како ништо да не се случило? – запраша Трајанов.
Трајанов додаде дека Македонија се наоѓа во почетоците на демократијата и ја запраша власта зошто бега од избори кога изборите во една ваква ситуација можат да разрешат многу дилеми и народот да има можност да го трасира патот на државата во наредниот период и заклучи дека наместо да се соочат со народот во ситуација кога неколку кризи во државата, тие се одлучуваат за суспендиање на демократијата и бегање од избори.