Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека некој треба да сноси одговорност за енормното зголемување на функционерските плати откако Уставниот суд одлучи да укине два члена од Законот за плати и надоместоци со кои основицата за пресметување на платите на функционерите се зголемува од 26.000 на 47.700 денари.

„Владата соучествува во одлуката и затоа ќе си понесе одговорност“, рече Павле Трајанов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 и додаде: Верувам дека оваа одлука е усогласена со политичкиот став на СДСМ и ДУИ, бидејќи Уставниот суд е партиска испостава на двете партии, но првенствено на СДСМ. Судиите во Уставниот суд не носат ниедна одлука без консултација и договор со владејачките партии“. Па уште додаде: „Ова е самоубиствена позиција на СДСМ“.

Според него следно што треба да се направи е да се намали коефициентот со кој се пресметува платата, така што зголемувањето не би било толку драстично.

-Сe работи за неодговорна одлука и мислам дека мора да се реагира во Законот. Има механизам, преку промена на коефициентите. Зголемувањето на платите мора да биде усогласено со раст на плати и пензии. Ова зголемување со одлуката на Уставен суд не смее да биде ефектуирано – рече Трајанов.