Директорот Трајановски истакна дека се детектираат црните точки на патиштата и се работи на подобрување на сообраќајната сигнализација за поголема безбедност

Директорот на Државни патишта, Коце Трајановски, информира дека веќе се детектираат црните точки по патиштата и дека се во постојана координација со Министерството за внатрешни работи за нивно подобро означување. Тој апелираше до граѓаните да обрнат посебно внимание на сообраќајната сигнализација за поголема безбедност на патиштата.

Во однос на експресниот пат Градско-Прилеп, каде што за неколку месеци од пуштањето во употреба има пет жртви. Трајановски најави дека ќе биде поставена нова, подобрена сообраќајна сигнализација.

„Тоа е еден од новите патишта што ги пуштивме во текот на изминатата година, направено според важечките законски прописи. Меѓутоа, поради повеќе жртви на овој пат, веќе е изготвен проект, доставен до Министерството за транспорт. Очекуваме во краток рок да биде одобрен, по што ќе започнеме со поставување на новата сигнализација, која ќе придонесе за намалување на сообраќајните несреќи и жртви“, изјави Трајановски во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.

За состојбата на скопската обиколница, директорот рече дека следната година е планирана поголема реконструкција.

„Се обидуваме да ги детектираме сите критични точки и прво да реагираме на нив. Лошата состојба кај клучката Хиподром и кај хотелот ‘Белви’ веќе е решена. За обиколницата, која е приоритет, се подготвува проект за поголема реконструкција, за која ќе користиме кредити. Исто така, за тријаголникот Миладиновци-Петровец-Хиподром се во тек преговори со Светска банка и други финансиски институции. Се надеваме дека следната година ќе започнеме со реконструкција“, рече Трајановски.

Тој потенцира дека во земјава се градат нови патишта, но дека старите патни правци не се одржуваат како што треба. Затоа, според него, треба да се издвојуваат повеќе средства. И од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта и од Владата за нивно одржување.

Во однос на сообраќајните знаци, кои во некои населени места се сосема отсутни. Трајановски рече дека се работи на нивно поставување и дека очекува проблемот да биде решен во следната година.

Прашан за напредокот во изградбата на автопатиштата, директорот рече дека во моментов се активни три делници од договорот со „Бехтел и Енка“. Тоа се делниците Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани.

Трајановски потсети дека е пуштен во употреба еден дел од автопатот Кичево-Охрид. Кој го гради кинеската компанија Синохидро. Најави дека многу скоро ќе биде пуштен и вториот дел од автопатот до Охрид.