Во рамки на Саем-Отчет, Трајановски истакна: Пуштивме во употреба 101 километар експресни и регионални патишта, инвестиција вредна 200 милиони евра

Државните патишта се многу важни за функционирање и развој на државата. Но исто така се значајни и за локалната самоуправа, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски. На денешната панел-дискусија во рамките на настанот Саем-Отчет, насловен како „Четири години инвестиции во инфраструктурата“. Трајановски посочи дека во изминатата година, колку што ВМРО-ДПМНЕ е на централна власт, се направи многу во областа на државните патишта. Бидејќи заедно со Владата, ресорното министерство и со градоначалниците се работи тимски.

„Во изминатата година дена, завршивме и пуштивме во употреба 101 километар од експресни и регионални патишта, со вредност од околу 200 милиони евра. Толку да се направи и толку да се инвестира е резултат на тимска работа. Пред се од Јавното претпријатие и институциите од централната власт кои помагаат. Тука се Бирото за проценка, Управата за имотно-правни односи, Катастар и останатите“, рече Трајановски.

Тој додаде дека беа завршени и патиштата Страцин-Длабочица и Длабочица-Крива Паланка, со вредност од околу 100 милиони евра. Како и патиштата Градско-Дреново, Дреново-Фариш, патот од почетокот на Гевгелија до влезот во Богданци, и патот од Охрид до Свети Наум.

„Сите овие патишта беа наследени во блокада или во многу блага форма на изработка. Заедно со министерството и Владата, успеавме сето тоа да го ставиме во функција и брзо да ги изградиме“, истакна Трајановски.