Европските програми отвораат пат за жените во обновлива енергија и климатски технологии
Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска истакна дека жените треба активно да ги користат европските можности за кариера во новите технологии. Настанот „Европските можности и политики за поддршка на жените во net-zero вештини и кариери“, одржан во Europe House, беше платформа за разговор за конкретни чекори што ја поддржуваат нивната професионална реализација.
Трајков потенцираше дека ЕУ интеграцијата не е само политичка агенда, туку носи практични алатки за развој на вештини, инвестиции и нови можности за граѓаните.
„Erasmus+Horizon Europe не се само програми на хартија. Тие се реална можност со којашто се отвора простор за се повеќе жени истражувачки, иноваторки, можност за оние коишто ќе одлучат да ги докажат своите способности во области како обновлива енергија, паметни мрежи и климатски технологии. Потребен е координиран патоказ во процесот на стекнување и надградување на вештините на жените до посакуваното работно место“, порача Трајков.
Родова перспектива во зелената и дигиталната транзиција
Заменик-министерката нагласи дека родовата перспектива е клучен дел од приоритетите на ЕУ, особено во зелената и дигиталната транзиција. Таа истакна дека учеството на жените е неопходно за постигнување праведна и ефективна трансформација.
„Жените треба да се дел од решението, а не дел од проблемите бидејќи тогаш и транзицијата ќе биде побавна, поскапа и неправедна“, заклучи Трајков.
