Отворено писмо на Александар Трајковски до Никола Груевски
Почитуван пријателе,
Поранешен претседателе на ВМРО-ДПМНЕ,
Во ВМРО-ДПМНЕ сум од мали нозе. Човековата меморија дозволува сеќавања од детството па јас во ова отворено писмо ќе го споделам со тебе сеќавањето од 2005 година, кога лидерот на македонската здружена опозиција Никола Груевски беше во посета на населеното место во кое живеам и јас на моите 13 години ја имав првата фотографија со тогашниот опозиционер, а потоа и една деценија водач на македонскиот народ.
Како минуваа годините така се зголемуваше и мојата активност во партијата со учество на сите активности, повторувам на сите активности вклучувајќи помалку позитивни настани, а повеќе негативни (бидејќи имаше во партијата коњи за трка и коњи за парада).
Дојде 2015 година, како многу други луѓе од партијата така и мене ме опфати политичкиот прогон кој го спроведуваше СДСМ преку СЈО и Катица Јанева. Тоа подразбира обвинение, а потоа и осуден, опфатен во истраги и слично..
Тоа беше многу тешко и темно време и за ВМРО и за Македонија.
Многумина луѓе кои ги направи милионери им даде можност 10тина години да бидат на моќни позиции, да одлучуваат за човечки судбини те оставија, трчаа да се пријавуваат за сведоци во СЈО, даваа “книжни плика” на една тогашна министерка во Владата на една планина во Скопје за да бидат “испуштени” од истрагите на СЈО, односно бегаа од тебе како “ѓавол од темјан”.
Дојде 2017 година се случи 27 Април како емотивна реакција на македонскиот народ за да се брани нашата Македонија, а потоа дојде и политичкиот прогон на недолжни граѓани кој ги обвинија и осудија за тероризам.
Дојде 2018 година власта на СДСМ се повеќе се иживуваше со луѓе, пресудата против тебе беше правосилна и требаше да се јавиш на издржување на казната затвор. Те побарав да се видиме и ти кажав: “иако обвинет со актуелно судење од СЈО, одлучив да организирам протест пред судот со цел да побарам да ти се даде одложување на казната затвор, што е дозволено согласно Законот”. И тоа се случи. Без воопшто да се плашам од последиците кои може да ми ги направи власта на СДСМ застанав заедно со стотици други луѓе пред судот и се обратив да побарам правда за тебе.
Дојде и веста дека си заминал од Македонија и тогаш кога многумина напаѓаа, плукаа и осудуваа, јас застанав, дадов поддршка на заминувањето и бев првиот кој дојде во Будимпешта за да ти ја даде својата поддршка.
Не можам, а да не го споменам во ова писмо и делот со промената на уставот со цел промена на името на Македонија, кога луѓе вршеа притисоци врз тогашни пратеници да гласаат за промена на Уставот и те побарав да ти кажам дека се врши притисок врз наши пратеници но од наши луѓе.
Почитуван Никола,
Последните неколку месеци, јас не можам во тебе да го препознаам мојот претседател и пријател Никола Груевски.
После се што се случи во 2015 година ти сега повторно им поклонуваш верба на луѓето кои не доведоа до таа состојба до без надеж и истите тие денес советуваат дека “треба да направиш партија, да го делиш ВМРО, да му покажеш на ВМРО”, а следејќи го ова што се случува последите денови очигледно е дека навистина има некое сценарио.
Мојата поддршка ја имаше во најтешките денови за тебе и во сите битки бев со и до тебе. Кога оние кои денес те советуваат, телефон не ти отвараа, а не пак средба со тебе да имаат. Но сега морам искрено да ти кажам дека во оваа битка мојата поддршка ја немаш.
ВМРО-ДПМНЕ денес е на вистинскиот пат. Тоа може да се утврди од секојдневните анкети, резултатите од локалните избори и многу други показатели. Македонскиот народ ја гледа својата иднина во промените во Македонија, давајќи поддршка на раководството на партијата предводено од претседателот Христијан Мицкоски.
И токму сега кога сме на чекор до последната скала на неколку месеци до изборите кога СДСМ ќе падне најниско од своето постоење, нашите пријатели (со кои сум имал средби), говорат како Никола преку делењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе им помогне да останат на власт и повторно да го сменат Уставот.
Почитуван Никола,
Се одлучив на ваков чекор да се обратам преку отворено писмо бидејќи изминатите денови многу луѓе, членови кои со срце и душа години поминале во ВМРО-ДПМНЕ со сериозна загриженост велат дека ова што се случува не е добро.
Ќе те потсетам на еден наш разговор кога една група на членови на партијата формираше фракција и бараше од мене да се приклучам во фракцијата со цел да бараме промена на раководството на партијата. Откако не се приклучив те барав, разговаравме на оваа тема и ти ми рече: “Александар историјата докажала дека секој што излегол од ВМРО и наштетил на партијата, години подоцна се враќа назад, а ти многу голем влог имаш дадено во партијата за да излезеш од јатото, бидејќи онаа птица која излегува од јатото, прва паѓа”.
Овој пријателски совет јас го послушав и стана моја животна лекција дека од јатото никогаш не се излегува. Многу ме загрижува фактот и ме мачи прашањето што е она што тебе те отргна од оваа мисла?
Сосема на крајот сакам да го искажам моето верување дека играта е на почеток и од истата сеуште може да се излезе.
ВМРО-ДПМНЕ денес е силно, обединето и во сојуз со македонскиот народ и се чека денот на избори кога повторно по примерот на локалните избори Македонија ќе победи!
Од срце те поздравувам и ти посакувам се најдобро. Знаеш и самиот дека секој збор во ова писмо е напишано од срце и со емоција, исто онака како што со емоции го следев твојот говор на конгресот во Валандово.
Се е менливо и минливо, само ВМРО и Македонија се вечни!
Отворено писмо на Александар Трајковски до Никола Груевски