Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека вооружените сили на САД извршиле воздушен напад врз три клучни објекти поврзани со иранската нуклеарна програма. Информацијата беше објавена во 01:53 часот преку неговиот официјален профил на платформата Truth Social.

Трамп прецизираше дека целите на нападот биле три нуклеарни локации во Иран – базата Фордо, постројката за збогатување ураниум во Натанз и нуклеарниот комплекс во Есфахан. Според него, сите американски авиони успешно ја напуштиле територијата на Иран веднаш по завршувањето на операцијата.

„Само што ја финализиравме операцијата против три објекти поврзани со иранската нуклеарна програма. Фордо, Натанз и Есфахан. Нашите бомбардери веќе не се во иранскиот воздушен простор“, објави Трамп на Truth Social, без дополнителни детали за евентуални жртви или штети.

Тој нагласи дека сите бомби со кои располагале ангажираните авиони биле употребени. Според него, целосната огнена моќ била насочена кон објектите со цел да се неутрализира нивната функција.

Само неколку часа пред нападот, во американската воена база на островот Гуам биле забележани шест стратешки бомбардери од типот Б-52. Секој од нив носел по две специјализирани бомби со маса од 15 тони, дизајнирани да продираат низ утврдени бетонски структури и подземни комплекси.