Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше НАТО, оценувајќи дека Алијансата без САД е „тигар од хартија“. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, тој ги нарече сојузниците „кукавици“ поради, како што рече, недостиг на поддршка во конфликтот со Иран.

„Тие не сакаа да ни се придружат во борбата да го спречиме Иран да се здобие со нуклеарно оружје. Сега кога е извојувана воена победа, со многу мала опасност за нив, тие се жалат на високата цена на нафтата што мора да ја платат, но не сакаат да помогнат во отворањето на Ормутскиот теснец“, напиша Трамп.

„Толку лесно им е да го направат тоа, со толку мал ризик. КУКАВИЦИ, и ние ќе го запомниме тоа!“, додаде тој.

Според Трамп, отворањето на Ормутскиот теснец претставува едноставен воен потег и е клучен фактор за намалување на цените на нафтата, кои, како што оцени, се зголемени токму поради блокадата во регионот.