САД се подготвени за високи царини за Русија, ако не се постигне договор за прекин на војната
Високи царини за Русија ќе бидат воведени ако не се постигне договор за прекин на војната во Украина во рок од 50 дена, предупреди американскиот претседател Доналд Трамп. Изјавата ја даде на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа.
Трамп беше дециден дека Русија ќе се соочи со сериозни економски последици, доколку не биде постигнат мировен договор.
„Доколку нема договор, ќе воведеме сериозни секундарни царини околу 100 проценти“, изјави Трамп. Притоа додаде дека е „многу незадоволен“ од однесувањето на Москва.
Американскиот претседател објави и план за зголемено производство на воена опрема во САД. Според него, произведеното оружје ќе биде дистрибуирано преку НАТО, вклучително и до Украина.
„Ќе произведуваме врвно оружје и ќе го испраќаме до НАТО. Тие ќе одлучат каде тоа е најпотребно“, нагласи Трамп.
НАТО: Високите царини се сериозна порака до Москва
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека ваквите најави се од суштинско значење за европската безбедност и украинската одбрана.
„Ова е навистина голема работа“, рече Руте. Тој оцени дека најавените високи царини за Русија испраќаат јасна порака дека нема компромис со агресијата.
Според Руте, финансискиот товар за испорака на оружје ќе го преземат европските земји, што Трамп веднаш го поздрави.
„Тоа има совршена смисла“, рече Трамп, повторувајќи го американскиот став дека Европа треба да вложува повеќе во сопствената безбедност.
Руте додаде дека Европа веќе презема водечка улога и нагласи дека ова е продолжение на моделот воспоставен на последниот НАТО самит.
„Европејците сега ја преземаат водечката улога“, заклучи генералниот секретар на Алијансата.