Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за воени удари врз Иран во најмалку седум наврати не биле проследени со реализација на најавените напади. Наместо тоа, Трамп потоа ги одложувал или откажувал планираните акции, надевајќи се дека притисокот ќе доведе до преговори со Техеран, објави „Еј-би-си њуз“.

Последниот ваков пример е од саботата, кога Трамп соопштил дека се откажува од напад врз иранската енергетска инфраструктура. И покрај тоа, тој предупредил дека Вашингтон останува подготвен за воена акција доколку не биде постигнат договор.

Според „Еј-би-си њуз“, од март досега американскиот претседател во повеќе наврати најавувал можни напади врз Иран. Сепак, планираните акции биле одложувани поради разговори што биле во тек или по барања упатени преку посредници.

Во исто време, Техеран во повеќе наврати ги негирал тврдењата дека води директни преговори со Вашингтон.