Американскиот претседател Доналд Трамп постави најнизок лимит за азиланти досега, само 7.500 лица ќе можат да поднесат барање за азил во САД во фискалната 2026 година.

Одлуката, објавена преку документ на Белата куќа, претставува најрестриктивна бројка во американската историја од почетокот на водењето на ваквите статистики.

Според документот, „приемот на најмногу 7.500 бегалци се заснова на хуманитарни причини и е во национален интерес“. Но, во објавата на Федералниот регистар не е наведено зошто е направено толку драстично намалување на квотата.

За споредба, во текот на минатата година, кога на власт беше Џо Бајден, САД прифатија 125.000 бегалци од различни делови на светот. Долги години земјата беше меѓу водечките дестинации за луѓе кои бегаат од војни, политички прогони и економски колапс.

Со оваа одлука, администрацијата на Трамп поставува најтесен праг на прием во современата американска историја, што предизвикува реакции и дебати во јавноста за тоа колку ќе биде погодена американската хуманитарна политика.