Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го смени својот главен адвокат кој го застапува во државата Џорџија во пресрет на вечерашното предавање на надлежните органи, тврди упатен извор за Си-Ен-Ен.
Извор од кругот на Трамп укажа дека Финдлинг не е сменет поради лошо застапување, а лице запознаено со работата на Саду тврди дека тој е „најдобриот адвокат во Џорџија“. Адвокатката на Трамп во Џорџија, Џенифер Литл, се очекува да остане во правниот тим и да работи со Саду.
„Јас сум ангажиран да го застапувам претседателот Трамп во тужбата против него во округот Фултон, Џорџија. Претседателот никогаш не требаше да биде обвинет. Тој е невин по сите точки од обвинението против него. Очекуваме случајот да биде отфрлен или, доколку биде неопходно, се надевам на непристрасна, отворена порота која ќе го прогласи претседателот за невин“, рече Саду во соопштение.
Сослушувањето на Трамп најверојатно ќе заврши брзо бидејќи поранешниот претседател и неговите адвокати претходно преговараа за гаранции и Трамп се согласи на кауција од 200.000 долари и други услови, вклучувајќи некористење социјалните мрежи за да ги таргетира кообвинетите и сведоците во случајот.
Во обвинението од 98 страници покренато во Џорџија, кое е обелоденето минатата недела, Трамп и уште 18 други соработници беа обвинети за вкупно 41 кривично дело поврзани со напорите да се смени поразот на Трамп на претседателските избори во 2020 година.
Трамп го опиша обвинението како политички мотивиран обид неговата кампања за реизбор во Белата куќа да се исфрли од колосек. (МИА)