Се раздвижуваат мировните напори
Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа одржаа значајна средба во Белата куќа, насочена кон прекин на огнот во Газа и иницирање долгорочен мировен процес. Ова е трет пат Нетанјаху да биде во Вашингтон откако Трамп се врати во претседателската фотелја, што ја нагласува тежината на моментот, особено по последниот прекин на огнот меѓу Израел и Иран по 12 дена воени судири.
„Не гледам никаква блокада, сè оди во позитивна насока“, рече Трамп пред новинарите, непосредно пред официјалната вечера со Нетанјаху.
Хамас покажува интерес за договор
Американскиот претседател нагласи дека Хамас испратил сигнали дека е подготвен на прекин на огнот, додавајќи:
„Тие сакаат состанок и сакаат прекин на огнот“, рече Трамп на почетокот од вечерата со израелскиот премиер.
На прашањето дали извештаите за израелски жртви во северна Газа би можеле да ја загрозат дипломатијата, Трамп кратко одговори:
„Не мислам така“.
Интензивирање на дипломатските канали
Преговорите, што се водат индиректно меѓу страните, се поддржани од Катар, Египет и САД. Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф, кој исто така беше дел од вечерата, изјави дека се отвора простор за брзо постигнување договор.
„Има реална можност да се постигне договор за примирје и ослободување на заложниците во блиска иднина“, рече Виткоф.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, најави дека Виткоф наскоро ќе отпатува за Доха за да ги продолжи разговорите.
„Наш приоритет останува завршување на војната во Газа и ослободување на сите заложници“, додаде таа.
„Катар и Египет се извонредно важни партнери во медијацијата за мир и ставање крај на конфликтот еднаш засекогаш“, додаде Левит.
Договор на повидок?
Предлогот што се разгледува предвидува 60-дневен прекин на огнот, постепено ослободување на 10 израелски заложници и враќање на телата на загинатите, во замена за ослободување на голем број палестински затвореници. За време на примирјето, страните би воделе разговори за конечно завршување на војната.
Нетанјаху цврсто против палестинска држава
Израелскиот премиер, пак, повторно ја отфрли можноста за создавање независна палестинска држава.
„Израел ќе ја задржи контролата врз безбедносниот механизам во Газа засекогаш“, рече Нетанјаху.
„Луѓето веќе нема да кажуваат: ‘Дајте им уште една држава’. Тоа би било нова платформа за уништување на Израел“, нагласи тој.