Дали ќе падне договор за мир во Украина?

Денеска во Алјаска, најголемата и најоддалечената американска федерална држава, ќе се одржи средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин. Разговорите ќе бидат насочени кон прекин на војната и договор за мир во Украина, а состанокот е закажан во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, која се наоѓа околу десет километри од Енкориџ и, според Си-Ен-Ен, е единствената во Алјаска што ги исполнува потребните безбедносни стандарди.

Самитот, кој многумина го опишуваат како историски, ќе започне во 11:30 часот по локално време (21:30 часот по централноевропско време). Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави дека програмата е целосно усогласена и ќе започне со тет-а-тет разговор меѓу двајцата лидери, по што ќе следи проширена седница со делегациите. Преговорите ќе продолжат за време на работен појадок, при што главна тема ќе биде украинската криза, но ќе се разговара и за економската соработка меѓу Москва и Вашингтон.

Времетраењето на средбата нема да биде однапред ограничено и ќе зависи од текот на дискусиите. Двете страни ќе имаат по пет претставници во делегацијата. Рускиот тим ќе го сочинуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев, како и самиот Ушаков. Според руските медиуми, доколку разговорите го дозволат тоа, по состанокот ќе биде одржана заедничка прес-конференција.

Белата куќа, пак, соопшти дека Трамп планира да се концентрира исклучиво на прекинот на војната во Украина, оставајќи ги другите прашања на страна, иако Москва потврди дека тие би можеле да се разгледуваат на некоја идна средба. Пред два дена, по консултациите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, Трамп предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу тешки последици“ доколку не прифати примирје.

Руската мировна понуда

Во јавноста се појавија информации за наводна руска мировна понуда испратена до претставникот на Трамп, Стив Виткоф, пред брзата организација на самитот во Алјаска. Според тие извори, Москва предложила Киев да предаде дел од територијата во регионот Донбас во замена за прекин на огнот. Украинското раководство категорично го одбило предлогот, но Трамп изјави дека размената на територии би можела да биде реален пат кон мирот, нагласувајќи дека „во првите две минути“ ќе стане јасно дали има простор за напредок.

„Ќе има размена на територии. Тоа го знам од разговорите со Русија и други страни, и верувам дека е во интерес на Украина“, рече Трамп.

Весникот „Телеграф“ од Британија објави дека американската страна размислува да му понуди на Путин пристап до ретки минерали, како стимул за завршување на војната, што би можело да вклучува и отворање на природните ресурси на Алјаска за руско учество, како и делумно укинување на санкциите кон руската авиоиндустрија. Американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, наводно веќе разгледува економски концесии што би можеле да ја забрзаат постапката за постигнување договор.

Според истите извори, укинувањето на забраната за извоз на делови и опрема за одржување на руските авиони би било од корист и за американскиот производител „Боинг“.

Британскиот весник „Тајмс“ извести дека во преговорите бил разгледуван и моделот на израелската окупација на Западниот Брег како пример за крај на конфликтот во Украина. Во ова сценарио, Русија би ја задржала воената и економската контрола врз окупираните територии преку сопствено управно тело, по сличен принцип на израелското владеење над палестинските територии освоени во 1967 година.

Идејата, наводно, била предложена пред неколку недели за време на средба во Москва меѓу Виткоф и руски претставници. Американската страна верува дека со ваков пристап би се избегнало спроведување „сеукраински“ референдум, што е задолжителен според Уставот на Украина за отстапување на територија.

Претседателот Зеленски, сепак, ја отфрли можноста за каква било размена на територии.