Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран може да контактира со САД доколку сака да преговара за крај на војната. Во интервју за „Фокс њуз“ порача дека каналите за комуникација се отворени и достапни.

– Ако сакаат да преговараат, можат да дојдат кај нас или да ни се јават. Знаете, постои телефон. Имаме многу добри и сигурни линии – рече Трамп.

Тој истакна дека го откажал планираното патување на неговите специјални пратеници, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во Исламабад. Таму престојува иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.

– Мислам дека војната со Иран ќе заврши многу брзо и ние ќе бидеме победници – рече Трамп, изразувајќи увереност дека Исламската Република нема да продолжи да ја развива својата нуклеарна програма.

Трамп повторно ги критикуваше сојузниците од НАТО поради тоа што не ги поддржуваат САД во војната против Иран.

– Велика Британија рече дека ќе испрати бродови кога ќе заврши војната и тоа не е добро, додаде Трамп.

Претседателот на САД рече дека денеска имал „многу добри разговори“ со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.