Американскиот претседател сака целосна промена на врвот на власта

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака целосна промена на раководството во Иран и дека има на ум неколку луѓе кои би можеле да ја преземат функцијата. Во ексклузивно интервју за Ен-би-си тој посочи дека се преземаат чекори за да се обезбеди безбедноста на потенцијалните кандидати.

„Сакаме да влеземе и да исчистиме сè“, рече Трамп во телефонски разговор, пренесува Ен-би-си Њуз.

Во друго интервју за Аксиос, Трамп нагласи дека очекува да биде вклучен во процесот на избор на следниот лидер на Иран.

„Имаме луѓе кои би завршиле добра работа“

Американскиот претседател изјави дека веќе размислува за можни кандидати кои би ја презеле функцијата, но не откри конкретни имиња.

„Не ни треба некој што ќе ја врши обновата во следните 10 години“, рече претседателот.

„Сакаме тие да добијат добар лидер. Имаме неколку луѓе за кои мислам дека би биле одлични за работата“, додаде тој.

На прашањето дали се преземаат мерки за нивна заштита, Трамп одговори:

„Да, се грижиме за нивната безбедност“.

Овие изјави следуваат по коментарите што ги даде минатата сабота, кога беше прашан кој би можел да го води Иран.

„Не знам, но во еден момент ќе ме повикаат да ме прашаат кого би сакал“, рече тогаш Трамп, додавајќи дека бил само малку саркастичен.

Реакција на иранските закани

Трамп се осврна и на изјавата на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, кој за Ен-би-си Њуз изјави дека неговата земја е подготвена за копнена инвазија од страна на американските и израелските сили.

Американскиот претседател ја отфрли таа изјава и нагласи дека во моментов не размислува за такво сценарио.

„Тоа е губење време. Тие изгубија сè. Ја изгубија морнарицата, изгубија сè што може да се изгуби“, рече Трамп, додавајќи дека темпото и интензитетот на нападите ќе продолжат.

Иран се соочува со неизвесност околу идното раководство откако врховниот лидер Али Хамнеи почина минатиот викенд. Во јавноста се појавија шпекулации дека неговиот син Моџтаба Хамнеи би можел да го наследи.

Аналитичарите оценуваат дека Исламската револуционерна гарда, која има силно воено, политичко и економско влијание, би можела дополнително да ја зајакне својата улога доколку го преживее сегашниот конфликт.