Американскиот претседател Доналд Трамп официјално ја отфрли можноста за кандидатура за трет мандат. И покрај шпекулациите кои кружеа во јавноста последниве недели. Во интервју за NBC News, Трамп изјави дека неговата цел е да реализира „четири многу добри години“. Потоа да отстапи место за „одличен републиканец“.
„Тоа не е она што се обидувам да го направам“. Ова го изјави Трамп, нагласувајќи дека ќе го почитува Уставот на САД, кој експлицитно забранува трет претседателски мандат.
Јасна позиција и потенцијални наследници
Иако во минатото Трамп неколкупати навестуваше продолжување на своето влијание и по вториот мандат, овој пат тој беше дециден. Притоа ги посочи својот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио како можни наследници во врвот на Републиканската партија.
„Ќе бидам претседател осум години, претседател со два мандата. Секогаш мислев дека тоа е важно“, нагласи Трамп, одговарајќи и на политичките шпекулации и на очекувањата на партиските приврзаници.
Фокус на имиграцијата и безбедноста
Покрај темата за мандатот, Трамп ја повтори својата посветеност на спречување на нелегалната имиграција, нарекувајќи ја „инвазија на криминалци од странство“. Тој најави зајакнати полициски акции на границите и во внатрешноста на земјата, како дел од неговата агенда за национална безбедност.
На прашањето дали странските државјани треба да имаат право на фер судење во САД, како што налага Уставот, Трамп кусо изјави: „Не сум адвокат и не знам.“
Со оваа изјава, Трамп јасно ја исцрта својата позиција – посветеност на втор мандат, без обид за продолжување на претседателската функција по 2029 година.
Извор: Миа