Фокус на трговија и безбедност
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека на почетокот на следната година ќе ја посети Кина, по покана од кинеската влада. Изјавата ја даде пред новинарите во Белата куќа, истакнувајќи дека подготовките за посетата веќе се во тек.
„Поканет сум да ја посетам Кина и ќе го направам тоа некаде на почетокот на следната година. Веќе го договоривме тоа во извесна смисла“, рече Трамп.
Трамп нагласи дека очекува да постигне фер трговски договор со кинескиот претседател Си Џинпинг. Тој додаде дека САД ќе ја забрзаат испораката на нуклеарни подморници во Австралија, потег што, според британските медиуми, покажува дека Вашингтон се обидува да го одржи балансот – намалување на тензиите со Пекинг, но и зацврстување на одбранбените врски со Австралија како стратешки сојузник во Индо-пацифичкиот регион.
Трамп ја објави поканата од Пекинг непосредно пред да го прими австралискиот премиер Ентони Албанезе во Белата куќа.
„Кина не сака да го направиме ова“, рече Трамп во врска со подморниците, но изрази уверување дека односите меѓу двете држави ќе се подобрат.
Оптимизам за нов трговски договор
Трамп, кој повторно ја пофали американската воена моќ, изјави:
„Имаме најдобро од сè и никој нема да се меша во тоа. Мислам дека ќе добиеме многу добар трговски договор. Двете страни ќе бидат задоволни.“
Американскиот претседател одби да ги коментира наводите дека Пекинг врши притисок врз Вашингтон за да ја намали поддршката за Тајван.